ФАТМИР БЕСИМИ
Министер за одбрана на
Република Македонија

Говори | Интервјуа
Биографија | Галерија

 

 


Свечена заклетва на питомците на Воената Академија

12:35 - пет., 07.10.2011

 

Знаењето е главното оружје за одбрана, мир и успех. Тоа, денес на свечената заклетва во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје на младите питомци им го порача министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими. Министерот Бесими осврнувајќи се на придобивките од континуираниот развој во сферата на военото образование истакна дека „оваа наша образовна институција ја гледам како еден од најјаките базични сегменти во целокупниот одбранбен систем на кој почива нејзината иднина во кадровска, организациска и професионална смисла.“

Во учебната 2011/2012 година, во третата генерација од обновувањето на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ се запишаа вкупно 41 студент-питомец, од кои 31 за Армијата на Република Македонија, пет за Центарот за управување со кризи и пет за Дирекцијата за заштита и спасување. Оваа година четири позиции беа отстапени за питомците од Црна Гора, со што Воената академија добива свој регионален карактер.

Министерот Бесими, исто така, истакна дека е задоволен од структурата на питомците во однос на мултиетничноста, мултиконфесионалноста и половата застапеност, а додаде и дека идната година позиции ќе бидат отворени и за питомци од БиХ, од Хрватска, од Србија, од Косово и од Албанија.

Обраќајќи им се на родителите, пак, деканот на Воената академија, полковникот проф. д-р Росе Смилевски порача дека „вашите синови и ќерки од денес се и наши деца,а офицерскиот позив е нивниот избор. Вие треба да ги поддржувате на патот до првата офицерска ѕвездичка, а ние ќе направиме сè во рамките на нашите можности тие во овие четири години да стигнат до неа.“

Да се биде питомец претставува чест, гордост и привилегија рекоа питомците Мики Гигов и Абдулах Алили, додека питомецот од Црна Гора, Кристина Кривокапиќ, додаде дека тоа претставува и голема одговорност, особено бидејќи се претставува сопствена земја.