Соработката на македонската и словенечката армија, како и можностите за нејзино проширување, биле тема на денешата средба на началниците на генералштабовите на Армијата на Република Македонија генерал-мајор Горанчо Котески и на Вооружените сили на Република Словенија генерал-мајор Алојз Штеинер. На средбата како што информира на прес-конференција Котески, покрај разгледувањето на планот за билатерална соработка во 2012 година разговарале и за критериумите и начинот на оценување на декларираните единици кои учествуваа во НАТО мировните операции, како и операциите предводени од Европската унија. Добрата соработка меѓу двете армии, според него, ја покажува и билатералната воена вежба „Предизвик 2011“ која утре ќе почне на армискиот полигон „Криволак“. - Армијата на Република Словенија ќе продолжи да биде наш промотор и во користење на полигонот Криволак како Регионален центар за обука и центар за обука на останатите членки на НАТО алијансата. Силната поддршка за полноправно членство во НАТО и ЕУ кои Република Македонија ја добива од Словенија ја обврзува одличната соработка меѓу двете армии да продолжи и во иднина, истакна Котески. Неговиот словенечки колега Штеинер нагласи дека соработката меѓу двете армии трае 15 години и, според него, тоа не претставува само продавање на идеи и модели кои ги има словенечката војска, туку соработка од која можат двете страни да научат. - Заклучивме дека и двете војски имаат исти предизвици, меѓу другото тоа е модернизацијата на армиите и се надевам дека во иднина и двете војски ќе ги имаат потребните ресурси за оваа цел, додаде Штеинер. Во рамки на дводневната официјална посета на Република Македонија, генерал Штеинер денеска ќе се сретне и со министерот за одбрана Фатмир Бесими. извор МИА |