Денес, во Домот на АРМ во Скопје, Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими и Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, остварија средба со Собраниската комисија за безбедност и одбрана на која се дискутираше за предлог буџетот, приоритетите на Министерството за одбрана и за идниот развој на АРМ. По средбата, министерот за одбрана Фатмир Бесими во изјавата за новинарите истакна дека на овој состанок дискутирале за концептот односно активностите за развој на одбраната согласно главниот приоритет, а тоа е членството во НАТО, унапредување на системот за одбрана од една страна и подобрување на имиџот на АРМ и стандардот на војниците во Армијата. Исто така дискутирале за националната годишна програма за членство во НАТО која секоја година се подготвува и предлог буџетот за наредната година согласно долгорочниот план за развој на одбраната во Република Македонија. Членството во НАТО и ЕУ е еден од петте стратешки приоритети на Владата и тоа ќе се рефлектира во буџетот – додаде министерот Бесими. Началникот на ГШ на АРМ искажа задоволство од средбата бидејќи разговарале за прашања кои се битни за Армијата, особено во делот на буџетот кој треба да се донесе во 2012 година. Тој е задоволен и од долгорочниот план за развој на одбраната до 2020 година што дава можност за модернизација на Армијата, за зголемување на стандардот на припадниците на Армијата и додаде дека очекува да се испочитува се она што е договорено. Претседателот на Комисијата за безбедност и одбрана, Владимир Ѓорчев се заблагодари на Министерот за одбрана и на Началникот на ГШ на АРМ што биле информирани од прва рака за активностите на АРМ и плановите на Министерството, за меѓународните мисии, за послените акции кои што ги имаа нашите војници и она што се однесува на краткорочните, како и на долгорочните планови на Министерството за одбрана и на АРМ. „Ние од наша страна ќе дадеме полна подршка за сето она што се однесува за функционирање на Министерството и подршка на активностите на АРМ и нејзините припадници“ – додаде Ѓорчев. На крајот Министерот Бесими додаде дека идејата е редовно да се остваруваат вакви средби, како една традиција, и смета дека секоја ваква соработка е од корист за Република Македонија. |