ФАТМИР БЕСИМИ
Министер за одбрана на
Република Македонија

Говори | Интервјуа
Биографија | Галерија

 

 


Министерот за одбрана Фатмир Бесими оствари средбата со новиот амбасадор на САД во Република Македонија Н.Е. Пол Волерс

13:43 - вт., 27.09.2011

 

Министерот за одбрана на Република Македонија, г. Фатмир Бесими денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на САД во РМ, Н.Е. Пол Волерс. На средбата, покрај амбасадорот, беа присутни и полковникот Карл Шулер, заменик-воено аташе и г. Скот Винтон, политички советник во Амбасадата на САД во Скопје.

Ова претставува прва средба на министерот Бесими од неговото назначување на новата позиција со новоименуваниот амбасадор на САД, Волерс. На средбата беше дискутирано за сите аспекти на досегашната билатерална соработка во областа на одбраната, можностите за нејзино идно унапредување и за заедничкото учество во мировни мисии, како важен сегмент на стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и САД.

Министерот Бесими ја поздрави поддршката на САД, која од воспоставувањето на билатералната соработка од областа на одбраната во далечната 1994 г. до денес, ја надмина сумата од 100.000 милиони долари. Од страна на министерот Бесими беше нагласено дека еден од најголемите стратешки приоритети на нашата земја е интеграцијата во НАТО и во ЕУ, што е значајно како од безбедносен, така и од економски аспект, пред сè во подобрувањето на животниот стандард на граѓаните во Република Македонија, но и за зголемување на безбедноста во Регионот. На средбата беше дискутирано за претстојните средби на високо ниво помеѓу РМ и САД од областа на одбраната во месец октомври, првата која треба да се реализира во Анталија, Турција на маргините на министерскиот состанок во СЕДМ формат (South-East Defense Ministerial) и следна во седиштето на НАТО во Брисел, каде ќе се реализира состанок на Северноатлантскиот совет (NAC) на ниво на министри за одбрана во ИСАФ формат и состанок на министрите за одбрана на земјите контрибутори во Регионалната команда - Север (RC-N) во Авганистан.

На средбата министерот Бесими даде краток брифинг за идните проекти на Министерството за одбрана на РМ во областа на реформите во одбраната, кои се во насока на постигнување компатибилност за полноправно членство во НАТО алијансата.

На средбата, амбасадорот Волерс ја потенцираше одличната соработка меѓу двете земји на билатерална основа, нагласувајќи го напредокот на Република Македонија, која за многу кратко време од конзумент стана контрибутор кон регионалната и глобалната безбедност. Амбасадорот искажа посебно задоволство и благодарност од реализираната средба со ветераните од АРМ и нивните семејства. Пред да ја преземе новата функција амбасадорот Волерс во Вашингтон бил информиран за успешноста на АРМ и македонскиот придонес во мисиите од меѓународен карактер, што се потврди со неодамнешната успешно извршена акција на македонските мировници во Авганистан. Амасадорот потврди дека високите средби на претставници од одбраната кои претстојат во наредниот период, се доказ дека соработката се движи со несмален интензитет.

На крајот од средбата министерот Бесими искажа благодарност за признанието што на припадниците на АРМ им го оддаде американската страна во поглед на придонесот во зачувувањето на глобалниот мир, притоа нагласувајќи дека Република Македонија и понатаму ќе се стреми во иста насока, а тоа е што поскоро интегрирање во евроатлантските структури.