Утре, 16 септември (петок) со почеток во 11,00 часот во касарната ,,Јане Сандански“ во Штип, ќе се одржи свеченост по повод Денот на 1. механизирана пешадиска бригада (мпбр). На свеченоста се очекува да присуствуваат: Министерот за одбрана Фатмир Бесими, Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, Заменикот на министерот за одбрана Емил Димитриев, Заменикот на НГШ на АРМ генерал-мајор Насер Сејдини, Државниот секретар во МО Петар Есмеров, претставници од локалната самоуправа на општините Штип, Куманово, Струмица, Радовиш, Свети Николе, Виница, Берово и Пробиштип кои се наоѓаат во зоната на одговорност на оваа бригада и други гости. На свеченоста пред присутните ќе се обратат министерот Бесими и командантот на 1.мпбр бригаден-генерал Димче Петровски, а предвидено е свечено дефиле на единиците и тактичко-технички збор со приказ на вооружувањето и техниката кои се во формацискиот состав на единицата. Првата механизирана пешадиска бригада ги продолжува традициите на 14. Народно-ослободителна ударна бригада, која е формирана на 17 септември 1944 година во непосредна близина на с. Митрашинци – Беровско. Со формирањето на АРМ, формацискиот назив на оваа единица беше 11.пешадиска бригада, а со трансформацијата според стандардите на НАТО, од 2000 година се преименува во 1. пешадиска бригада, за со последната трансформација да премине во механизирана пешадиска бригада. Мисијата на 1.мпбр е да изведува офанзивни и дефанзивни операции за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, содејство со МВР во граничното обезбедување, давање поддршка на цивилните власти при отстранување на последици од елементарни непогоди и природни катастрофи, како и учество во операции за поддршка на мирот и хуманитарни операции надвор од државата. За обученоста, високиот степен на професионализам и борбена подготвеност на 1.мпбр говорат бројните признанија кои и се доделени, од кои се издвојуваат: ,,Орденот за воени заслуги“ од Врховниот Командант на Вооружените сили на Република Македонија, кој на бригадата и е доделен во 2007 година, а на нејзиниот втор баталјон во 2011 година. Инаку, популарните ,,СКОРПИИ“ чие мото е ,,ЧЕСТ И СИЛА“ се насекаде познати како беспрекорни војници, со што тие особено се гордеат. Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери да го проследат и да известуваат за настанот, заради што пристигнувањето пред пријавницата во касарната ,,Јане Сандански“ во Штип треба да биде најдоцна до 10.30 часот на 16 септември 2011 година. |