ФАТМИР БЕСИМИ
Министер за одбрана на
Република Македонија

Говори | Интервјуа
Биографија | Галерија

 

 


Признанија за македонските мировници во Авганистан

15:58 - пет., 16.09.2011

 

Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска во Штип најави дека војниците кои учествуваа во одбраната на командата на мисијата ИСАФ во Кабул ќе бидат наградени и ќе им се оддаде посебно признание.

- Иницијативата за оддавање признание и наградување на припадниците на мировната мисија ИСАФ од нашата армија е заедничка со претседателот на Македонија како врховен командант на оружените сили на Македонија и со началникот на Генералштабот, изјави Бесими на денешната свеченост по повод Денот на Првата механизирана пешадиска бригада во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески рече дека шкорпионите од оваа единица повторно ја потврдуваат подготвеноста на нашата армија во учеството во мировните мисии.

- Тоа се должи на професионализмот и високото ниво на воена обука за вакви ситуации. Секој командант е најсреќен кога акцијата ќе заврши успешно со ниту еден загубен човечки живот. Впрочем, како што беше и последната акција на нашите мировници во одбрана на командата на ИСАФ од талибанските екстремисти, рече Котески.

Тој додаде дека придонесите, но и постигнатите резултати на мировниците од Првата механизирана пешадиска бригада ќе се искористат за воведување на новите стандарди и подготвеност на нашите мировници кои учествуваат во мисиите.

Мировниците во Авганистан се припадници на единицата Шкорпиони од Првата механизирана пешадиска бригада од штипската касарна „Јане Сандански“, која денеска со пригодна свеченост и воено дефиле, го одбележа својот ден. Оваа единица ги негува традициите на Младинската Македонска Народноослободителна Ударна Бригада „Димитар Влахов“ формирана пред 67 години.

извор МИА