Денес, во Техничко-ремонтниот центар во Скопје, се одржа церемонија по повод примопредавање на средства, во вредност од 900.000 американски долари, донирани од Република Турција наменети за опремување на АРМ. Амбасадорот на Република Турција, Ѓурол Сокменсуер, во Република Македонија, во својот говор истакна дека соработката во областа на одбраната, во рамките на одличните пријателски односи помеѓу Турција и Македонија, претставува една од најразвиените области во рамките на нашите билатерални односи. До денес помеѓу овие две земји се потпишани вкупно 22 воени договори. Воената соработка помеѓу двете земји се интензивира особено во областа на школувањето и обуката и во областа на донациите. Од 1998 година па до денес, 82 припадници на АРМ се школувале на Воената академија, воената школа, Воено-медицинската академија и разните родовски школи. Исто така голем број припадници завршиле разни обуки во Центрите за обуки. Од 1998 година до денес, вкупниот износ на донациите од Република Турција, заедно со денешната, направени со цел да и се даде подршка на АРМ, ја надминува цифрата од 16 000 000 американски долари. До крајот на оваа година предвидено е да се потпише уште еден воен договор во висина од 1 350 000 американски долари. „Јас, како амбасадор на Република Турција, сакам да потенцирам дека на секое ниво и во сè поголем интензитет ќе продолжи сегашната подршка на нашата земја за зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО“ – додаде амбасадорот на Република Турција во Република Македонија. Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими истакна дека му претставува особена чест и задоволство што присуствува на овој настан со нашите пријатели од Република Турција. Тој додаде дека овие две земји имаат одлична соработка од осамостојувањето на Република Македонија, кога Турција уште од првите денови ја даде својата подршка за Македонија, за нејзиниот развој, за развојот на демократијата и економскиот просперитет. „Турција, како земја членка на НАТО, исто така ја дава својата подршка за идното членство на Република Македонија во оваа алијанса. Подршката на еден пријател значи многу повеќе од пари“ – истакна министерот. Тој додаде дека многу припадници на АРМ имале чест да се школуваат во престижни воени училишта со висок професионализам. На крајот од својот говор, министерот Бесими, во името на Министерството за одбрана и на АРМ, им се заблагодари на амбасадорот, на Генералштабот и на Владата на Република Турција за подршката што постојано ја даваат на Република Македонија. |