ФАТМИР БЕСИМИ
Министер за одбрана на
Република Македонија

Говори | Интервјуа
Биографија | Галерија

 

 


Посета на командантот на НГ на Вермонт генерал-мајор Мајкл Дуби

12:48 - вт., 20.09.2011

 

Од вчера, во тридневна официјална посета на АРМ претстојува висока делегација на националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Мајкл Дуби, на кого официјален домаќин му е началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески.

Целта на посетата на АРМ од страна на командантот на НГ на Вермонт е запознавање со достигнувањата на АРМ во процесот на трансформацијата и разгледување на можностите за унапредување за понатамошната соработка со НГ на Вермонт. Денес, на средбата во ГШ на АРМ, пред гостите од САД беа презентирани: долгорочниот план за развој на АРМ, достигнувањата во процесот на трансфомацијата и новата структура на АРМ, како и учеството во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН. Во оваа прилика, НГШ на АРМ искажа голема благодарност за континуираната поддршка од страна на Армијата на САД, при што тој особено се осврна на долгогодишната плодна соработка со НГ на Вермонт, која за АРМ во подолг период претставува дополнителен импулс за успешно достигнување на стандардите на НАТО. Генералот Дуби не го криеше задоволството од соработката со АРМ и Република Македонија, при што истакна дека е горд што имал прилика да придонесе за успешната трансформација на АРМ. Двајцата генерали се сложија дека успешното заедничко учество на двете армии во наменските сили ,,Феникс“ во мисијата ИСАФ во Авганистан, кое се реализираше минатата година, како и многуте вежбовни активности, значително го зајакна партнеството помеѓу АРМ и НГ на Вермонт, а научените лекции од нив наоѓаат широка примена во обуката кај припадниците на двете армии.

За време на престојот во МО и ГШ на АРМ, генералот Дуби оствари средба и со Министерот за одбрана, Фатмир Бесими со кого разговараше за можностите за проширување на соработката во доменот на одбраната со НГ на Вермонт. Министерот Бесими изрази задоволство од развојот на билатералната соработка со вооружените сили на САД, како стратешки партнер на АРМ и искажа подготвеност и поддршка од страна на Министерството за одбрана во реализација на планираните заеднички проекти со НГ на Вермонт во иднина.

Инаку, НГ на Вермонт претставува партнер на АРМ со кој се реализираат активности за соработка со Армијата на САД, координирани преку познатата воена контакт програма, која е составен дел на севкупната билатерална соработка помеѓу двете армии. Оваа програма се реализира преку различни форми на обука, како што се: семинари кои се реализираат во Република Македонија, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, изведување на заеднички вежби и друго. Воената контакт програма и соработката со НГ на Вермонт, на АРМ во многу & помогна во достигнувањето на стандардите на НАТО во повеќе области. Во прилог на ова укажува фактот дека од 1994 година наваму се реализирани преку 200 активности со учество од над 4000 припадници на АРМ и МО.

За време на посетата, генералот Дуби ќе биде примен од Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а планирано е да ги посети новите капацитети на Армискиот полигон ,,Криволак“.