ФАТМИР БЕСИМИ
Министер за одбрана на
Република Македонија

Говори | Интервјуа
Биографија | Галерија

 

 


Ден на високи гости на вежбата „Предизвик 2011“

13:56 - чет., 29.09.2011

 

„Армијата на Република Македонија е подготвена да го покаже највисокиот професионализам и да го даде својот придонес кон глобалниот мир. Денес на „Криволак“ имавме прилика да видиме вежба која се одвиваше според стандардите на НАТО, вежба на која припадниците на двете армии покажа извонредни резултати“, истакна министерот за одбрана Фатмир Бесими кој денес присуствуваше на денот за високи гости, во рамките на билатералната воена вежба „Предизвик 2011“ на која од 24 септември учествуваат припадниците на Армијата на Република Македонија и на Вооружените сили на Република Словенија.

Министерот Бесими истовремено додаде дека „ова е една можност Република Македонија да го промовира „Криволак“ како центар кој може да се користи и од земјите-членки на алијансата што е еден дополнителен придонес кој Република Македонија може да го даде во рамките на НАТО.“

Во текот на денешната вежба беше извршено гаѓање на цели во воздушниот простор со лесен преносен ракетен систем „Игла“, бомбардирање со борбени авиони „PC-9M“ на словенечката армија и ракетирање со борбени хеликоптери „Ми-24“ на ВИНГ-от на АРМ. Баталјонот за противвоздушна одбрана и ВИНГ-от на АРМ заедно со припадниците на бригадата за воено воздухопловство и ПВО на вооружените сили на Словенија покажаа развиени вештини, знаења како и висока обученост и професионализам.

Во тој контекст, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајорот Горанчо Котески им честиташе на двете армии и додаде дека вежбата е успешна, а резултатите се одлични, факт кој покажува дека „припадниците на АРМ ја докажаа својата подготвеност заедно со припадниците на армиите на земјите членки на НАТО да изведуваат боеви вежби кои практично ги применуваат и при изведување на борбени операции и во мировните мисии“.

На денот на високи гости на АП „Криволак“ присуствуваа и заменик-командантот на ЗОК, бригадниот генерал Киро Галазовски, началникот на Штабот на командата на силите на ВС на Словенија, бригадниот генерал Војтех Михевц, акредитирани воени аташеи во Република Македонија и високи претставници на МО и на АРМ.

Вежбата ,,Предизвик 2011“ е трета по ред од ваков вид која заедно ја изведуваат припадниците на АРМ и Вооружените сили на Република Словенија. На неа деновиве беа реализирани и сложени гаѓања со борбени авиони, со ракетни системи за ПВО и со борбени хеликоптери, потоа обука на тренажери, но и, за прв пат, заедничка обука за контрола на воздушниот простор и наведување. Овој проект претставува уште еден силен импулс кон јакнењето на билатералната воена соработка помеѓу Република Македонија и Словенија.