ФАТМИР БЕСИМИ
Министер за одбрана на
Република Македонија

Говори | Интервјуа
Биографија | Галерија

 

 


Министерот Бесими во посета на македонскиот контингент во кампот Бутмир во Сараево

14:09 - чет., 08.09.2011

 

По повод 8 Септември-Денот на независноста на Република Македонија, министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска во кампот Бутмир во Сараево го посети македонскиот контингент кој учествува во европската мировна мисија ЕУФОР, Алтеа.

При посетата на кампот, јави известувачот на МИА, каде беше дочекан на високо ниво со сите почести, Бесими оствари средба со командантот на ЕУФОР генерал-мајор Бернард Баир од Австрија.

Во оваа мисија, Македонија придонесува со 12 припадници на АРМ, односно медицински и правен тим кој ротира на шест месеци. - Со тоа директно придонесуваме за мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина преку ЕУФОР, како и со дел од нашата целокупна ориентација за придонес кон глобалниот мир преку НАТО и ЕУ. Мојата денешна посета коинцидира со Денот на независноста на Република Македонија, односно прославата по повод 20 години независност и сакав да бидам тука со припадниците на АРМ и да им покажам внимание за она што го прават за земјата, изјави министерот Бесими во кампот Бутмир.

На овој начин, истакна, се испраќа порака до ЕУ и НАТО дека Македонија и на вакви денови кога се празнува во земјата дава големо значење и придонес за меѓународните мисии и глобалниот мир.

Според него, македонските припадници на АРМ кои се во Бутмир даваат исклучителен придонес за глобалниот мир, без разлика, како што рече, на жртвите што Македонија ги платила во оваа мисија.

Министерот Бесими првпат е во посета на меѓународна мисија во која Република Македонија придонесува за обезбедување на мирот. Тој денеска положи цвеќе на споменикот во Бутмир посветен на македонскиот тим кој на 12 јануари 2008 година загина во хеликоптерска несреќа кај катлановско Блаце, враќајки се од мисија од кампот кон Скопје.

- Сакам да упатам сочувство и големо признание за семејствата на загинатите припадници на АРМ кои во оваа мисија го дадоа својот живот, додаде Бесими, потенцирајќи дека на денешен ден била предвидена посета на македонскиот тим во мисијата во Авганистан, но поради одредени околности тоа не се остварило. Но, како што подвлече, од иста важност е и мисијата Алтеа каде има македонски тим преку кој се придонесува за подобрување на глобалниот мир и полноправно членство во ЕУ и НАТО, со што, рече министерот, ќе се подобри животот и стандардот на граѓаните на Република Македонија.

Командантот Баир, кој управува со 26 земји-учеснички во мисијата, рече дека е задоволен од македонскиот тим и се заблагодари за учеството на Македонија во ЕУФОР. - Морам да кажам дека сте испратиле одлични војници кои се многу професионални и важни за мисијата, за мирот и стабилноста на Босна и Херцеговина, тука во Бутмир. Не поддржувате со доктори и медицински сестри и правен советник кои даваат одличен придонес за успешна мисија, рече Баир.

Претходно, Бесими се сретна со босанскиот колега Селмо Цикотиќ при што беше разговарано за политичко-безбедносната состојба во регионот, иднината и перспективите на мисијата Алтеа и придонесот на Македонија кон глобалниот мир и безбедност.

По Сараево, министерот Бесими ќе замине во посета на хрватската престолнина каде се очекува да се сретне со министерот за одбрана на Република Хрватска, Давор Божиновиќ.

Во текот на утрешниот ден, во Загреб Бесими ќе одржи предавање на Хрватското војно училиште Бан Јосип Јелачиќ каде ќе зборува за глобалната сигурност и светскиот мир. При оа, министерот Бесими ќе се сретне со македонските посетители на училиштето.