ФАТМИР БЕСИМИ
Министер за одбрана на
Република Македонија

Говори | Интервјуа
Биографија | Галерија

 

 


Меѓународна вежба на алпинистички тим

12:59 - вт., 20.09.2011

 

Утре, 21-ви септември 2011 година со почеток во 12.00 часот на полигонот за алпинистичка обука кај Демир Капија, ќе се одржи меѓународна показна вежба ,,Пребарување и спасување на повредени лица на непристапен терен и планински простор“, во организација на полкот за специјални операции (пСО) на АРМ. На вежбата покрај алпинистичкиот тим од пСО, ќе учествува инструкторскиот тим од Армијата на Швајцарската конфедерација и припадници на вооружените сили на Република Србија и Република Хрватска.

На полигонот кај Демир Капија, учесниците на вежбата ќе прикажат спасување на повреден со извлекување со помош на витло, префрлување на повредено лице од една на друга точка со помош на јаже и носилка и префрлување на повредено лице на безбедно место за понатамошна евакуација. Во текот на работата ќе бидат демонстрирани алпинистички операции со примена на тактики и техники за премин преку тешко прооден терен со помош на: командо, манки, и исправено со користење на раце. Се очекува, вежбата за чија подготовка припадниците на трите армии изведуваа интензивна обука во изминатите две недели на полигоните кај Матка, Криволак и Демир Капија, да изобилува со атрактивни демонстрации кои од нив бараат висок степен на обученост, стручност и психо-физичка кондиција.

Инаку, алпинистичкиот тим од пСО е дел од декларираните единици на АРМ за операции надвор од Република Македонија, а високиот степен на обученост кој го поседуваат, го достигнаа во изминатите неколку години со сериозна и напорна работа со стручните алпинистички тимови од Швајцарија, така што во моментов инструкторите од пСО на АРМ во повеќе наврати спроведуваа слична обука со вакви тимови на армиите од Јадранската група.

Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери, да присуствуваат и да известуваат за вежбата. За таа прилика, ГШ на АРМ на 21 септември обезбеди организиран превоз до полигонот во Демир Капија, со поаѓање во 10.00 часот, пред зградата на МО и ГШ на АРМ.