Хрватска и Македонија одржуваат одлични пријателски односи, без отворени прашања. Двете држави тргнаа кон заедничкиот пат и годинава славиме 20 години независност. Во одбранбениот сектор, соработката е на највисоко ниво и има историја го години наназад. Ова беше заклучено на средбата денеска во Загреб меѓу македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими и неговиот хрватски колега Давор Божиновиќ, јави известувачот на МИА. - Во однос на одбранбениот сектор, соработката е на највисоко ниво и има историја уште од таканаречената А3 иницијатива кога Албанија, Хрватска и Македонија заеднички делуваа да станат членки на НАТО Алијансата. Во 2008 година, Хрватска и Албанија успеаја во тоа, но Македонија поради отвореното прашање со соседна Грција не успеа. Се надеваме дека ќе дојде до прифатливо решение за двете страни, затоа што членството на Македонија во НАТО и ЕУ е од висок интерес за Југоисточна Европа, изјави Божиновиќ. Соработката подоцна се продолжи и кон иницијативата наречена „5“, објасни Божиновиќ, која е интензивна меѓу министерствата за одбрана и вооружените сили. - Покажавме како државите од овој регион кои во 90-тите години беа во турбулентен период можат заеднички да делуваат на подалечни места како Авганистан. Заедно со Македонија таму пративме медицински тим, а во овој момент сме на важен заеднички проект, а тоа е водење школа за воена полиција за потребите на авганистанските сигурносни сили, рече Божиновиќ. Потенцираше дека во овој проект учествуваат и вооружените сили на Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина, односно обучуваат инструктори кои ќе ги вежбаат силите на воената полиција на Авганистан. - Следната година во јуни имаме важна соработка во состав на Европската унија кога станува активна борбената група под водство на Германија каде Хрватска декларираше 250, а Македонија 225 војници и тоа е огромна задача за двете земји, министерства и вооруженити сили. Во тој контекст, со министерот Бесими договоривме интензивна комуникација на нашите вооружени сили зашто се работи за еден од клучните елементи на заедничката одбранбена и надворешна политика на Европската унија, додаде Божиновиќ. Министерот Бесими рече дека му е мило што по 20 години, кога двете држави имале најголеми предизвици, успеале да дадат придонес во светскиот мир. - Тоа може да го постигнеме само со почит меѓу двете страни и соработка. Го почнавме истиот процес во А3 иницијативата во смисла на пристап кон НАТО и 2008 година беше успешна за Хрватска и Албанија, истото можеше да се случи и со Македонија, но не ни беше понудено членство во НАТО поради некои отворени прашања, изјави Бесими. Но, како што рече, тоа нема да не обесхрабри да продолжиме да работиме кон постигнување членство во НАТО Алијансата и да дадеме придонес кон целокупниот светски мир. Затоа, денешната посета, потенцираше Бесими, ја користиме за да размениме искуство со Хрватска во тој поглед. - За граѓаните на двете земји НАТО не значи само мир и безбедност, туку станува збор за повеќе инвестиции и подобар животен стандард. Сакам да го нагласам и придонесот кој го даваме во Авганистан, Либан, Босна и Херцеговина и Косово, односно секаде каде НАТО е вклучено со своите операции, додаде Бесими, потенцирајќи дека Македонија ги прави сите напори за обезбедување стабилност и мир во земјата и регионот. Во Загреб Бесими беше пречекан од страна на неговиот колега со високи почести и интонирање на македонската химна. По средбата, тој одржа предавање на Хрватското воено училиште „Бан Јосип Јелачиќ“ каде зборуваше за глобалната сигурност и светскиот мир. Притоа, министерот се сретна и со македонските постдипломци на училиштето. По повод 8 септември-Денот на независноста на Република Македонија, министерот Бесими вчера во кампот Бутмир во Сараево го посети македонскиот контингент кој учествува во европската мировна мисија ЕУФОР, Алтеа. извор МИА |