ФАТМИР БЕСИМИ
Министер за одбрана на
Република Македонија

Говори | Интервјуа
Биографија | Галерија

 

 


СО ПОРАКА ЗА МИРНО НЕБО МИНИСТЕРОТ БЕСИМИ ГО ОТВОРИ ЧЕТВРТИОТ МЕЃУНАРОДЕН АЕРОМИТИНГ ВО БИТОЛА

17:11 - саб., 10.09.2011

 

Денес, во организација на Аеро клубот „Мирко Тодоровски“ на спортскиот аеродром во село Логоварди, Битолско официјално беше отворен 4. Меѓународен аеромитинг кој покрај учесниците од Република Македонија и од седум земји од регионот и од Европа беше збогатен и со еден транспортен хеликоптер Ми-8/17, еден борбен хеликоптер Ми-24 и два школски авиони од типот ЗЛИН 242Л на ВИНГ-от на АРМ кои демонстрираа акробации, маневарски летови и дел од тактичките процедури при извршување на задачи.

Министерот за одбрана Фатмир Бесими, заблагодарувајќи се за укажаната чест да го отвори овој аеромитинг истакна дека „овој настан е многу значаен за Република Македонија и за промоција на нашите капацитети бидејќи овој настан не само што е единствен во државата, туку, во овие димензии, тој е и втор настан во регионот“, истовремено додавајќи дека „со Школата за пилоти која се очекува да започне со работа идната година, Република Македонија полека но сигурно чекори кон развиените земји, кон земјите кои имаат капацитет да поддржат и вакви настани од овој сектор.“

Ужувајќи на севкупното значење кое воздухопловството го има во системот на одбраната и безбедноста, Министерот Бесими потенцираше дека токму специфичноста на карактерот на манифестацијата, како и желбата за докажување на вештините и способностите кои кај секого го креваат адреналинот на високо ниво ја возвишиле Битола и регионот во еден аероцентар кој поседува капацитет да биде домаќин на еден ваков вид манифестација.

Дел од атрактивната програма на аеромитингот кој започна со падобрански скокови од хеликоптер е и првата воздушна трка со пет учесници од Англија, Словенија Хрватска и Бугарија, трка која се одвива во две засеби дисциплини, акробатска временска трка помеѓу два парови на пилони и т.н. „freestyle“ –слободни акробатски летови кои ги доведуваат пилотите и воздухопловите до самата граница на издржливост.